Неколку дни пред Велигден дошла овде вест дека се решило да дојде во епархијава наша Мелетија. Истиот час, штом чуја за тоа епархијаните, скокнаа сите мало и големо на нога да сторат тоа што не се сторило, зборувајќи кој едно, кој друго ќе направат, но Мелетија да не го приберат. Тогаш еден од првите луѓе, Г-н Стефан поп Димитров, човек со здрави мисли и патриотски чувства, истакнувајќи се посилно од другите, рече на своето собрание: „Чесно собрание! В час по умирачката на покојниот владика Јоаникија, веднаш дадовме извештај на В. црква дека Мелетија не го сакаме, туку за пастир бараме наш човек, како што во молбите сте пишале, а В. црква ни го пратила Мелетија не за да не принуди да го примиме, но за да не притеснува и за да си го дочува својот престиж. Ако му ја отвориме ние митрополијава, не му ја отвораме нему туку на В. црква, и ако го прибереме во неа, не го прибираме наместо наш владика, наместо прост човек пратен од В. црква, или како еден егзархос нејзин за да го дочуваме нејзиниот престиж како вистинска наша мајка. А и ако му отвориме или му затвориме, кога не го сакаме ни денеска, ни утре, ни до умирачка и кога сакањето и желбите наши кон него ни се затворени, туку што или тој овде да седи, или ние, сеедно е како да му се затвори митрополијата, тој со неа не ќе живее туку со нас. Зар ние расправата сме ја запреле веќе; ако сака тој да се земе на душа, нека дојде, ние ќе си ја гледаме работата во Цариград, општата наша мајка е милостива, та се надеваме да не ислуша и да не дозволи нејзините овци да заскитаат по планињето. Да видиме уште сега каков одвет ќе ни даде благоутробната наша мајка В. црква, та потоа ќе си го работиме она што сме го намислиле, општо да се одречеме од В. црква.“

Со овие негови чесни и мудри зборови за малку време собранието се смири и тој и попрвите луѓе се трудат да ги смират простите луѓе. А по неколку дена кога чуја оти стигнал на први овој месец, Велипеток во нашава епархија, повторно целиот наш град толку се размеша што ако дојдеше право во Охрид, можеше да се случи нешто ненадејно. Фала богу што не дојде, и тој умно стори што не дојде право в град, туку остана во едно село 6 часа далеку од Охрид. О зошто не дојде право? Зашто му беше страв за да не настрада. Зашто во Охрид беа со намера да му ја затворат митрополијата, а други од селата им викаа на старците охридски: „Ако го приберете Мелетија, ние ќе дојдеме некоја ноќ и ќе ја изгориме митрополијата сосе него“.

Кога се чу дека стигнал во епархијата на втор ден Велигден, стана едно општо собрание од сите охридски старешини и од блиските села по еден или двајца од секое, така што се наполни митроролијата. Во тоа собрание се реши што да направат корисно во моментот за да се сврши нивната борба, т.е. да го истераат од епархијата, но престижот на В. црква да не се навреди. Се реши, значи: прво да пратат во селото каде што застана еден човек од името на сите да му рече на Мелетија од општинска страна дека не смее да дојде во Охрид за да не настрада нешто ненадејно. Така се испрати старешината охридски и му рече се што требаше. Од тогаш Мелетија се запре дури до 9-ти овој месец; второ на собранието решија да протестираат против Мелетиевото испраќање. И затоа тој час му наредија на учителот Јован Стрезов да напише тука пред сите еден протест. Се напиша и се потпишуваа уште од епархијата и досега се потпишани 4000 или 5000 потписници, а бидејќи е епархијата растурена, до недела ќе се сврши и ќе се испрати во Цариград.

Господин Константин Робев и Стефан поп Димитров, заедно со К. Манчев, порано големи непријатели, сега сложни и здружени, го зедоа в раце знамето и одат напред, а сите жители од епархијата охридска, мало и големо, повеќе селаните (зашто тие виделе и страдале повеќе маки од Мелетија кога беше протосингел и епископ на Дионисија) трчаа по нив со голема сесрдност како овците по својот угич, за да застанат под нивното знаме и оваа работа да се сврши. Сите им викаа сложно на гореспоменативе главатари: „Гледајте добро, ако не се сврши оваа работа, ако В. црква не ни го даде пастирот за кого пишавме во молбата, ние сите ќе се полатиниме…“

Извор: „Цариградский вестник“, бр. 482 (7. V 1860 г.).