Учел во својата татковина и во Одеса до враќањето на преселниците од Видинско 1861 година. По бомбардирањето на Белград две години служел во регуларната српска војска во чин подофицер. Од 1865-1868 во својата татковина се занимавал со црквеното прашање како претставник на округот и до 1873 година го управувал округот по црковните работи без ни најмало мешање на тогашниот тамошен владика, за кое нешто е измачуван три месеци по најстрашниот затвор. После во Цариград го зема од Егзархијата епископот Нил Смоленски, кого го остава во Кукуши до сега.

Во почетокот на 1876 година во Солун приготвува знаме и други средства за востание и на 8 мај истата година го крева востанието, но при второ судирање во село Митрашинци (Малешевски округ) падна ранет од Турците и востанието (во изменет карактер) го продолжува две години додека не ги сретнал со својата дружина, востаниците во село Црквинец (Пијанечки округ) и авангардата на ослободителите од град Ќустендил, предводени од Иљо војвода и го разоружа турското население во Пијанечкиот округ.

Во октомври 1878 година го организира македонското востание во Кресна (Мелнички округ) во кое се заробија две чети турски бандити и го управува 3 1/2 месеци (со звањето началник на штаб). Во 1879 година на 7 јули стапи на служба во град Ќустендил како окружен пристав. Во1880 година на 1 јули е поставен за околиски началник на истото место. На 9 јануари 1881 е преместен со истата должност во Цариброд и на 30 истиот месец е преместен пак со истата должност во град Радомир. Добри дела не знам дали сторил, но со лоши може да се одликувал (последнава реченица е прецртана). На суд не е предаван за ништо.

Радомирски началник 

 Д. П. Георгиев, с. р.

(Со молив и со потписот на неговиот син Стојан Д. Беровски на документов е напишана 1881 година, од кога потекнува и овој документ. Документот се наоѓа во Архив на Македонија – Скопје под Вл. Инв. р. бр. 678).