ЗАПИСКИ НА ДИМИТАР ПОП ГЕОРГИЕВ БЕРОВСКИ ЗА МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ ОД 1875 до 1879 ГОДИНА

0
338

По срамното истерување на струмичкиот грчки владика Јеротеј Комбајнос од с. Берово во 1874 година, црковното прашање во Малешевскиот округ значително го измени својот карактер, а односите со владините турски власти станаа така оптегнати, што веќе не беше можно да се разубедат дека нема да се предизвикаат и политички судири, зошто мнозинството од масата од околу 10 до 15.000 души народ, кој беше дошол во с. Берово на соборниот ден во Петок по воскресение на празникот Св. Богородица Бадаклија, за да го извлечат владиката од рацете на власта, не ги поштеди ниту мудирот ниту заптиите и ги принуди со разоружувањето и со тепањето да ја исполнат неговата волја. Власта се обезсили и неволно ја исполни народната волја под услов само личноста на владиката да не пострада. Овде народната волја беше несокршлива до очајание, за да се задоволи, владиката Јеротеј беше најсрамно испаден пред лицето на власта не само од Берово, туку и надвор од округот не му се позволи да преноќува и кога за секогаш се прости со Малешево во наш интерес, тој си го доби своето, но и јас како претставник на округот по црквеното прашање и уште како полномошник (векил) на округот на Македонија и Турци за сите дела со власта. За да го лишам Диар Бекир од своето присуство, бездруго требаше своеволно да се откажам од своите граѓански права, да го напуштам Малешево, а за да не паднам во рацете на власта, успејав да побегнам, преку Ќустендил а од Пазарџик со железницата до Цариград.

За последиците и минатото по црквеното прашање нема да се пуштам во расправање, бидејќи тоа ќе ме однесе далеку со своите скандалозни и многу интересни настани од моето преземено раскажување за востанието, но само ќе кажам дека после моето бегање во Цариград, турските вдасти во Малешево извршија најголеми ѕверства: глобеа, тепаа, затвораа и уште на какви не маки ги подвргнуваа првениците од малешевските села. После привременото затворање на моите браќа, Поп Иван и Костандија Поп Георгиев, ослободени под гаранција избегаа, дојдоа во Цариград од каде Костандија пак со заптие го однесоа во Солун и таму го излежа деветмесечниот затвор. Јас пак за да ги одбегнам прогоните на цариградската полиција скришум заминав во Солун, додека братми Поп Иван веќе јавно можеше да живее во Цариград и посде во Солун. Јас успеав да живејам скришно од турските власти околу една половина година. Овде имав можност да добивам детални податоци за акциите на Херцеговското востание па и случајот ми помагаше да ги следам сите движења на турските војски кои и по суво и по море доаѓаа и се упатуваа со железницата преку Митровица за Босна и Херцеговина. Најсилното движење на војската за Босна и Херцеговина се забележуваше околу крајот на 1875 г. и во почетокот на 1876 година.

Извештаите за Херцеговските востанички акции, движењето на турските војски и мојата положба станаа за мене подеднакво несносни. Од ден на ден нетрпеливоста во мене растеше и во месец декември 1875 година решив да организирам востание во Македонија со кое барем да му се даде мала помош на Херцеговинското востание преку задржувањето еден мал дел од туроките војски … (нејасно место во текстот), нешто кое ќе излезе според народната поговорка: „Одврзиме аго од тој кол, па ме врзи за другиот”.

Подготовка

Отпрвин требаа средства и луѓе преку кои да се добијат средства и да се направи тајна подготовка на населението. За таа цел го повикав дедо ми поп Стојан од село Разловци, Пијанечко, и Костадин Иљов Карчевски од с. Берово, Малешевско. Отпрвин не мислев дека ќе го разбудам чувството на самопожртвуваност кај 75-годишниот старец поп Стојан, но во Костадина Иљов имав полна доверба. Кога и двата стасаа под солунските северозападни ѕидови кај мене, ги прашав секого на само според нивниот карактер и добив од двајцата согласност за кревање востание. Тие немаа потреба да мислат за семејствата, бидејќи не им давав за тоа повод.

Поп Стојан го посоветував да се врати со лично полномошно писмо од мене, потпишано со датум како да е божем од Цариград, да отиде во моето село Берово за да ги продаде сите мои имоти, по цени за какви што ќе најде купувачи и со услов кога ќе се вратам нив да ги снабдам со документите што им следуваат, и по извршувањето на таа продажба бездруго да ми ги испрати парите што ќе ми ги собере. Самиот тој вети да дотера и свои неколку крави и масло да се продадат за таа цел. Тој замина натоварен уште со мисија да ги подготви пријателите и да купува барут и олово и кремени за тогашните пушки кремењачки.

Костадин Карчов го задржав кај себе и го натоварив да сошие неколку чифта кожени калчуни и опинци од новоизработен систем, за да издржат на горската росна влага.

По неколку дена поп Стојан го изврши својот потфат и од моите продадени имоти, парите, неколку негови крави и маслото ги испрати по неговиот син Костадин Поп Стојанов, придружуван од Цоне Спасов, исто така едномисленик од село Разловци.

Во тоа време бев дал снимка од некрунисан лав на Славка Караиванова со мајка и Недела да ни извезат знаме на жолто свилено платно, а лавот со црвена свила и со натпис „Македонија”. Тоа беше за секого тајна.

Откако го убедив Цоне Спасов дека е дојдено времето да се ослободиме од турскиот јарем и дека нашето востание ќе биде успешно и помогнато од каде што треба, го испратив настроен да се врати и да дејствува со поп Стојана, а поп Стојановиот син Костадин остана, но како млад човек, поважните работи ги чував во тајност од него.

Костадин Иљов Карчев требаше да шие самиот калчуни и опинци, а кога не можев да се движам во градот, тој одеше да купува револвери и ги изнесуваше надвор од градот во моето живеалиште каде, откако ќе ги испробавме, следуваше да ги купува еден по еден и да ги изнесува со голема претпазливост. Исто така купивме барут и куршуми за револверите…

Извор: Михајло Миновски, Новооткриени документи за револуциоверната дејност на Димитар Поп Георгиев Беровски, Гласник на Институтот за национална историја XVI, бр. 3, стр. 143-146.