ПИСМО НА МАЛЕШЕВЦИ ДО АНГЛИСКИОТ КОНСУЛ ВО СОЛУН ОД (24.11.1878)

0
724

Ваше Високо превосходство!

Гласот за доаѓањето на Вашето Високо превосходство во Џумаја ни даде добри надежи и нам, на Македонците, жители во окружието Малешево, кои постојано и најлошо страдаат и до денов денешен. Причините на тие страдања и на турската тиранија и се познати на просветена и човекољубива Европа, а најмногу на благотворката Англија од нашите телеграми во 1874 година, испратени до нејзиниот посланик во Цариград.

Постојаните убиства, апсења, неправди, глобења, газења на нашата религиозна совест, обесчестувањето на нашите жени, ќерки и сестри, стана како обичај во задоволувањето на Турчинот! Ние не можевме да ја повериме никому оваа тајна и совесна болка, освен на англискиот конзул во Солун; неговите човекољубиви совети беа последната надеж и смелост преку безбројни молби и протести да ги полниме уќуматите, но нашето задоволување беше секогаш одмаздата како на неблагодарни каури и најодзади на 8 мај 1876 година се принудивме да протестираме со оружје во рака пред целиот свет, барем да го свртиме вниманието на турската влада за да праша кое зло не отчајало за да му ја поднесеме на европскиот олтар во жртва и нашата последна капка крв!!! Овој наш протест не го обрна вниманието на турската влада за да не задоволи, туку испрати 12.000 души редовни војници и повеќе башибозуци да го прават и она што не го дозволува човечката совест да го каже и по однос на машкиот пол! Колењата беа обични. Останатите тогаш неисклани, пред еден месец, во новото сегашно востание, ги нападнаа турските војски и башибозуци и истепаа од незаинтересираните жители 58 (педесет и осум мажи) и околу 500 (петстотини) фамилии можеа само со голиот живот да пребегаат во Џумајскиот и Кустендилскиот округ, за да страдаат таму пред вратите на своите собраќа.

Ваше Високо превосходство!

Нашата македонска крв, со која што сме решени по невоља да ја крвариме оваа од пред две илјади години безмилосно осудена и презрена Македонија, дали ќе дојде крај при сегашниве европски господаречки народи да не и се одмаздува повеќе на големата и некогашна слава! Азиските народи можеби по нивни стари преданија, да го сакаат избришувањето во светот на името Македонија! А просветена Европа има ли причини и уште ли не родила спаоител да не избави од прататковниот наш грев? О, Исусе, спасителу христијански, не можеме веќе да се колнеме себеси, но ти, семожни боже, накажи ја онаа европска држава која сака уште да не држи во пеколот на Турчинот – антихрист, да не ја одмине нашата судбина.

Во нашите чувства секогаш е хранена надеж и доверба кон англиската влада. Со истата симпатија и сега се препорачуваме и најпонизно го молиме Вашето Високо превасходство имајте не пред христијанската совест на човекољубивиот англиски народ!

Од Малешевските востаници на Вашето Високо превасходство понизни слуги.

Се потпишуваат 15 мина главари во Малешевијата и се дава во прилог списокот на 58 незаштитени мажи, жени и деца.

Извор: „Освобождение Болгарии от турецкого ига“. Издателство „Наука” том III, Москва 1969, стр. 325.